Law on packaging and packaging waste management
Made 2021-09-15 · Text as of 2026-10-01
Public law and official guidance, published as research. Not legal, tax or financial advice.
About this law
- Original title
- Закон за управување со пакување и отпад од пакување.
- Language
- Macedonian
- Kind
- Act
- Country
- North Macedonia
- Subjects
- Environment, Waste and hazardous substances
- Keywords
- plastic, pollution control, protection of environment, waste management, bioenergy, processing/handling, packaging/labelling, recycling/reuse, waste prevention, inspection, internal trade, international trade, offences/penalties, solid waste, waste disposal
- Categories
- *
Where to read it
No source link is recorded for this law.
Text
The law's own text, section by section, as held. Each section has its own link.
ЗАКОН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ПАКУВАЊЕ И ОТПАД ОД ПАКУВАЊЕ (1*) I. ОПШТИ ОДРЕДБИ Член 1 Предмет на уредување Со овој закон се уредуваат барањата за заштита на животната средина и здравјето на луѓето кои треба да ги исполнува пакувањето при производство, пуштање на пазар и постапувањето со отпадот од пакување што ги опфаќа обврските на економските оператори и другите субјекти кои учествуваат во процесот на производство и пуштање на пазар на пакувањето, барањата за собирање, повторна употреба, преработка, рециклирање и отстранување, како и други услови за постапување со отпадот од пакување, известувањето и економските инструменти за постигнување на целите за собирање, преработка и рециклирање на отпадот од пакување. Член 2 Супсидијарна примена на други закони (1) На прашањата кои се однесуваат на начинот на постапување со отпад од пакување кои не се посебно регулирани со овој закон, соодветно се применуваат одредбите од Законот за управување со отпадот. (2) За регулирање на прашањата во врска со пристап до информации кои се однесуваат на животната средина и учеството на јавноста во донесување на одлуки, соодветно се применуваат одредбите од прописите за животната средина. (3) За регулирање на прашањата во врска со организирање на производителите во колективни системи за спроведување на принципот проширена одговорност на производителот за управување со пакување и отпад од пакување, соодветно се применуваат одредбите од прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. (4) На постапките утврдени со овој закон, соодветно се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено. (5) Примената на одредбите од овој закон не ја исклучуваат примената на прописите за безбедност, здравје, хигиена, санитарна заштита како и прописите од областа на управување со отпад. * Со овој закон се врши усогласување со Директивата на Европскиот парламент и на Советот од 20 декември 1994 година (94/62/EЗ), за пакување и за отпад од пакување (CELEX бр.31994L0062), Директива 2004/12/ЕЗ на Европскиот Парламент и на Советот од 11 февруари 2004 година со која се изменува и се дополнува Директивата 94/62/EЗ за пакувања и отпад од пакувања (CELEX бр.32004L0012), ,Директива 2013/2/ЕУ на Комисијата од 7 февруари 2013 година за изменување на Анекс I кон Директивата 94/62/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот за пакување и отпад од пакување(CELEX бр.32013L0002), Директива (ЕУ) 2015/720 на Европскиот Парламент и на Советот од 29 април 2015 година за изменување на Директива 94/62/ЕЗ во однос на намалување на потрошувачката на тенки пластични кеси за пазарување(CELEX бр.32015L0720) и Директива (ЕУ) 2018/852 на Европскиот Парламент и на Советот од 30 мaj 2018 година за изменување на Директивата 94/62/EЗ за пакување и отпад од пакување(CELEX бр.32018L0852). Член 3 Цели на Законот (1) Основни цели на овој закон се: намалување на негативното влијание на пакувањето и на отпадот од пакување врз животната средина и врз здравјето на луѓето и унапредување на стандардите за заштита на животната средина од страна на економските оператори во текот на животниот циклус на пакувањето, а особено при третманот, повторната употреба, преработката и отстранувањето на отпадот од пакување. (2) Покрај основните цели од ставот (1) на овој член, во согласност со начелата од членoт 4 од овој закон, треба да се постигнат и следниве цели: да се спречи создавањето на отпадот од пакување, да се намали и ограничи употребата на штетни метали и материи и други отровни супстанци во пакувањето, и со тоа да се постигне намалување на токсичноста на отпадот од пакување, да се постигне одделно собирање на отпадот од пакување на местото на неговото создавање, да се постигне високо ниво на повторна употреба, рециклирање и други видови на преработка на отпадот од пакување, со тоа и намалување на депонирањето на отпадот од пакување, да се обезбедат поволни услови за воспоставување и развој на пазарот за повторно употреба, рециклирање и други начини на преработка на отпадот од пакување, да се обезбеди функционирање на пазарот без пречки во трговијата и обезбедување на еднаква положба на пазарот на домашните и странските правни и физички лица, како и избегнување на трговските бариери кои можат да ја нарушат конкуренцијата во пазарот, намалување на потрошувачката на енергија и на употребата на примарни суровини при производството на пакување и поттикнување на третманот на отпадот од пакување, да се поттикнува користење на најдобри достапни технологии за третман, преработка и рециклирање на отпадот од пакување и да се поттикне производството на пакување за повторна употреба кое е биоразградливо. Член 4 Начела (1) Во согласност со целите за долгорочна заштита на животната средина и постигнување на циркуларна економија, управувањето со пакување и отпадот од пакување се заснова на: 1) „начелото на одговорност на производителот“, според кое производителот кој при вршење на својата дејност создава и придонесува кон создавање на отпад од пакување е одговорен за преземање на мерки за управување со пакувањето и отпадот од пакување со цел да се елиминира и/или намали до крајна можна мера негативното влијание врз животната средина кое настанува како резултат на отпадот од пакување создадено од неговата дејност, вклучувајќи и создавање на услови за остварување на висок степен на одделно собирање, повторна употреба, рециклирање и друг начин на преработка на отпадното пакување и 2) „начелото на процена на животниот циклус на производот“, според кое производителот на пакување е должен да изврши процена на животниот циклус на пакувањето на начин со кој ќе се подобрат еколошките перформанси на пакувањето, ќе се исклучи или намали присуството на штетни метали и други токсични супстанции во пакувањето согласно со научно-техничките достигнувања, како и дизајнирање на пакувањето на начин што ќе придонесе кон намалување на вкупниот обем на отпад од пакување со цел да се спречат негативните влијанија врз животната средина. (2) Во управувањето со пакувањето и отпадот од пакување, покрај начелата утврдени во ставот (1) на овој член, соодветно се применуваат и начелата утврдени во прописите за животната средина, прописите за управување со отпадот и прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Член 5 Примена на Законот (1) Одредбите од овој закон се применуваат на сите видови на пакувањa кои се пуштаат на пазарот на територијата на Република Северна Македонија и на целиот отпад од пакување кој се создава во домаќинствата и од вршењето на индустриска, трговска, продажна, услужна, административна, како и друга дејност на територијата на Република Северна Македонија, без оглед на видот на материјалот на пакувањето и на отпадот од пакување. (2) Одредбите од овој закон не ја исклучуваат примената на одредбите кои ги уредуваат барањата за квалитет на пакувањето, како што се оние за безбедност, здравствена заштита, хигиена и санитарна заштита на спакуваните производи, како и одредбите што се однесуваат на транспортот на производите и контролата и управувањето со опасниот отпад. (3) Мерките, стандардите и целите утврдени со овој закон се применуваат како минимални барања коишто треба да се исполнат при управувањето со пакување и отпад од пакување. (4) Доколку со друг закон се утврдени построги мерки и стандарди за заштита на животната средина, при управувањето со пакувањето и отпадот од пакување се применуваат построгите мерки и стандарди со цел постигнување на целите за заштита на животната средина. Член 6 Дефиниции (1) Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење: 1) „Пакување“ се сите производи направени од каков било вид на материјал од која било природа кој се користи за чување, заштита, ракување, испорака и презентирање на стоки, од производителот до корисникот или потрошувачот, без оглед на тоа дали стоката е суровина или готов производ. Неповратните предмети кои се користат за истите цели, исто така, ќе се сметаат за пакување. Пакувањето може да биде: а) продажно или примарно пакување (во натамошниот текст: продажно пакување), кое е пакување направено на таков начин кое претставува единствена единица за крајниот корисник или потрошувачот на местото на продажбата; б) групно или секундарно пакување (во натамошниот текст: групно пакување) е пакување направено на таков начин кое, како група обвиткува или држи заедно поголем број на основни продажни единици со продажно пакување од ист или различен вид на стока на местото на продажбата, без оглед на тоа дали се продаваат на крајниот корисник или потрошувач како група или се продаваат поединечно по продажна единица или се користат за достава до местото на продажба. Групното пакување може да се отстрани од продажните единици без да се влијае врз неговите карактеристики; в) транспортно или терцијално пакување (во натамошниот текст: транспортно пакување) е пакување направено на начин со кој се олеснува ракувањето и транспортот на продажните единици или групното пакување за да се спречи физичкото оштетување при ракување и транспорт. Контејнерите, кои се за превоз на стока кои се употребуваат во патниот, железничкиот, поморскиот или воздушниот сообраќај, не се транспортно пакување; 2) „Отпад од пакување“ е секое пакување или материјал за пакување кој е опфатен со дефиницијата за отпад во Законот за управување со отпадот, со исклучок на остатоците создадени при производството на пакувањето; 3) „Пакување за повторна употреба“ е пакување замислено, дизајнирано и пуштено на пазар на таков начин што во текот на својот животен циклус еднаш или повеќе пати ќе биде повторно употребено и/или еднаш или повеќе пати ќе може повторно да се наполни за иста намена за која првично било направено; 4) „Композитно пакување“ е пакување составено од еден или повеќе слоеви од различни материјали кои не можат рачно да се одделат и кои претставуваат единствена интегрална целина сочинета од внатрешен сад обложен со надворешнa обвивка кој како целина се полни, чува, транспортира и празни; 5) „Пластика“ е синтетички материјал изработен од широк спектар на органски полимери како што се полиетилен, ПВЦ, најлон и други, кој може да се обликува во одредена форма додека е мек, а потоа да се постави во цврста или малку еластична форма; 6) „Пластични кеси за носење на стоки“ се кеси за носење, со или без рачки, изработени од пластика, кои се достапни за потрошувачите на продажните места на стоки и производи; 7) „Лесни пластични кеси за носење на стоки“ се пластични кеси за носење чија дебелина е пониска од 50 микрони; 8) „Многу лесни пластични кеси за носење на стоки“ се пластични кеси за носење чијшто дебелина е пониска од 15 микрони, кои се потребни за хигиенски цели или се даваат како примарно пакување за храна која не е компактна или е во течна состојбакога тоа помага за спречување на фрлањето на храна; 9) „Oксo-разградливи пластични кеси за носење“ се пластични кеси за носење изработени од пластични материјали кои вклучуваат адитиви кои го забрзуваат распаѓањето на пластичните материјали во микро-делови; 10) „Економски оператори“ поврзани со пакувањето се: а) „добавувачот на материјали за пакување“ кој е правно или физичко лице, кое произведува или пушта во слободен промет пакувања и нивни конвертори, како своја дејност; б) „производителот“ кој е правно или физичко лице кое пакува стоки или полни стоки во пакувања, како и произведува или пушта во слободен промет стоки спакувани во пакувања, како своја дејност, вклучувајќи го и производителот кој како краен корисник пушта во слободен промет спакувана стока; в) „малиот производител“ кој е правно или физичко лице кое пакува стоки или полни стоки во пакувања како и произведува или пушта во слободен промет стоки спакувани во пакувања како своја дејност, вклучувајќи го и производителот кој како краен корисник пушта во слободен промет спакувана стока во количини исти или помали од пропишаните во членот 26 став (1) од овој закон; г) „трговецот“ кој е правно или физичко лице, кое во синџирот на снабдување, го прави производот достапен на крајниот корисник; 11) „Краен корисник“ е потрошувач кој поради крајна употреба или консумирање на спакуваната стока, ја одделува стоката и/или го празни пакувањето и на тој начин создава отпад од пакување; 12) „Враќање на пакување“ е активност со која се обезбедува повратен прием на отпад од пакување која не го загрозува здравјето на луѓето и не применува процеси или методи кои би биле штетни за животната средина; 13) „Намерно внесување“ е активност со која намерно се користи супстанција или материја при производство на пакувањето или на компонентите на пакувањето, при што нејзиното постојано присуство во крајното пакување или во компонентите на пакувањето е пожелно за да се постигнат специфични карактеристики, изглед или квалитет на пакувањето. Употребата на рециклирани материјали како суровина за производство на нови материјали за пакување, каде што дел од рециклираните материјали можат да содржат количества од регулираните супстанции и материи, не се сметат за намерно внесување; 14) „Случајно присуство“ е присуство на метал како ненамерно внесена состојка на пакување или дел од пакување; 15) „Орган за животна средина“ е органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, односно Министерството за животна средина и просторно планирање; 16) „Стручен орган“ е Управата за животна средина, орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање и 17) „Доброволен договор“ е формален договор кој има извршни клаузули склучен меѓу организациите кои застапуваат одредени интереси на економски оператори и групи на економски оператори опфатени со овој закон од една страна и органот за животна средина или Владата на Република Северна Македонија од друга страна, со цел да се постигнат повисоки цели од целите пропишани во овој закон, кој е отворен за пристапување за сите правни и физички лица кои сакаат да ги исполнат условите утврдени во договорот. (2) За потребите на овој закон, соодветно ќе се применуваат дефинициите од Законот за управување со отпадот за изразите употребени во овој закон, а кои се однесуваат на отпад, управување со отпад, собирање, одделно собирање, спречување, повторна употреба, преработка, обновување, рециклирање, отстранување и увоз на отпад. (3) За потребите на овој закон, соодветно ќе се применуваат дефинициите од Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, а кои се однесуваат на изразите проширена одговорност на производителот и колективен постапувач. Член 7 Критериуми за определување на пакување (1) За определување кој предмет претставува пакување, се применуваат и следниве критериуми: 1) предметот ќе се смета за пакување ако ги исполнува барањата од членот 6 став (1) точка 1) од овој закон, без оглед на другите функции кои можеби ги поседува, под услов пакувањето да е интегрален дел од производот и е неопходно за чување на неговата содржина, го поддржува или штити производот во текот на целиот негов животен циклус и сите елементи на пакувањето се наменети да се употребуваат, трошат и отстрануваат заедно со производот, 2) предметот кој е дизајниран или наменет да се наполни со содржина на местото на продажбата и предметот наменет за еднократна употреба што се продава, полни или е дизајниран и наменет да се наполни на местото на продажба, ќе се смета за пакување под услов да ја исполнува функцијата на пакување и 3) составните делови на пакувањето и помошните елементи на пакувањето кои се вградени во пакувањето се смета дека се дел од пакувањето во кое се вградени. Помошните елементи кои се директно обесени или прикачени на еден производ и кои вршат функција на пакување се сметаат за пакување, освен ако не се составен дел од тој производ и ако сите елементи се наменети да се користат или да се отстранат заедно со производот. (2) Министерот кој раководи со органот за животна средина објавува листа на илустративни примери за пакувања согласно со критериумите од ставот (1) на овој член во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Член 8 Пуштање на пазар на пакување (1) Пакувањето може да се пушти на пазарот на територијата на Република Северна Македонија ако ги исполнува барањата утврдени со овој закон, кои се однесуваат на производството и составот на пакувањето, природата на пакувањето кое може повторно да се користи и преработи, погодноста на пакувањето за преработка и рециклирање, нивото на концентрација на тешки метали, барањата утврдени во стандардите и барањата за идентификација и означување на пакувањето. (2) Пуштање на пазар на пакување е снабдување или ставање на располагање, преку производство или увоз на спакуван производ наменет за консумирање или употреба за прв пат на пазарот на Рeпублика Северна Македонија. (3) По исклучок од ставот (2) на овој член, кесите за носење на стоки се смета дека се пуштени на пазарот во Република Северна Македонија кога истите се продаваат на крајниот корисник. Член 9 Мерки за спречување Заради спречување на создавањето на отпад од пакување, и минимизирање на штетните влијанија врз животната средина од отпадот од пакување, соодветно се применуваат одредбите од прописите за управување со отпадот. Член 10 Пуштање на пазар на кеси за носење на стоки и пластично пакување за еднократна употреба (1) Се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Северна Македонија. (2) Се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Република Северна Македонија. (3) По исклучок од ставот (1) на овој член, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Република Северна Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно со пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки. (4) Надоместокот кој треба да го плаќаат крајните корисници од ставот (3) на овој член за биоразградливите кеси за носење на стоки изнесува 15 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба. (5) Трговецот од ставот (4) на овој член е должен да води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место која ја доставува до стручниот орган и вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси на квартална основа ја пренесува на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина. (6) Министерот кој раководи со органот за животна средина ги пропишува стандардите за биоразградливост од ставот (3) на овој член кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливите кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција од ставот (5) на овој член. (7) Стручниот орган, врз основа на евиденцијата од ставот (5) на овој член, најдоцна до 31 јануари во тековната година, ја утврдува годишната количина на пластични кеси користени во Република Северна Македонија за претходната година, врз основа на методологијата утврдена во членот 13 од Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебни текови на отпад. II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА Член 11 Барања во поглед на производството и составот на пакувањето (1) Пакувањето треба да се изработува на таков начин што волуменот и тежината на пакувањето се ограничени на минималното соодветно количество за одржување на потребното ниво на безбедност, хигиена и прифатливост за спакуваниот производ и за крајниот корисник. (2) Пакувањето треба да е дизајнирано, произведено и продадено на начин на кој ќе се овозможи повторна употреба или преработка, вклучувајќи и рециклирање, во согласност со хиерархијата за управување со отпад, при што негативното влијание врз животната средина при отстранување на отпадот од пакување или на неговите остатоци настанати при преземање на операциите за постапување со отпад од пакување ќе се сведе на минимум. (3) Пакувањето треба да е изработено на начин со кој присуството на штетни и на други опасни супстанции и материи, како состојки на материјалот за пакување или на која било од компонентите на пакувањето, во однос на нивното присуство во емисиите, пепелта или во исцедокот што се создава при согорување или депонирање на отпадот од пакување или остатоци кои се создадени при преземање на операции за управување со отпад од пакување, ќе се сведат на минимум. Член 12 Барања во поглед на природата на пакувањата кои се наменети за повторна употреба Пакувањата кои се произведени со намена да бидат повторно употребени, мора истовремено да ги исполнуваат следниве барања: 1) физичките својства и карактеристики на пакувањето треба да бидат такви кои ќе овозможат негова повторна употреба во нормално предвидливи услови на користење; 2) да овозможат при преработката на искористеното пакување, да се задоволат барањата во однос на здравствените и безбедносните услови за заштита при работа и 3) да ги задоволува бараните специфични услови за преработка на пакувањето, кога пакувањето ќе стане отпад и нема повторно да се користи. Член 13 Барања во поглед на погодноста на пакувањето за преработка Пакувањето во поглед на неговата погодност за преработка на материјалот, треба да ги исполнува следниве барања: 1) пакувањето кое може да се преработува преку операции на рециклирање се изработува на начин што кога ќе стане отпад од пакување ќе може да се рециклира одреден тежински процент од материјалите кои се користени во изработката на производот кој е наменет за продажба, во согласност со важечките стандарди. Утврдувањето на овој процент може да варира во зависност од видот на материјалот од кој се состои пакувањето; 2) пакувањето кое може да се преработи преку операции на енергетска преработка, кога ќе стане отпад од пакување треба да има минимална калорична вредност за да се овозможи оптимално производство на енергијата; 3) пакувањето кое може да се преработи преку операции на компостирање, мора да биде изработено на начин што кога ќе стане отпад од пакување да има биоразградливо својство што нема да го попречува одделното собирање и процесот на компостирање или активноста во којашто се вклучува и 4) пакувањето што е произведено од биоразградливи материјали мора да биде изработено на таков начин што кога ќе стане отпад од пакување да биде од таква природа што ќе може да се подложува на физичко, хемиско, термичко или на биолошко разградување, така што поголемиот дел од завршниот компост ќе се разградува во јаглерод диоксид, биомаса и вода. Во смисла на оваа точка, оксо-разградливото пластично пакување не се смета за биоразградливо. Член 14 Барања во поглед на нивото на концентрација на тешки метали во пакувањето (1) Вкупното ниво на концентрација на олово, кадмиум, жива и шестовалентен хром (во натамошниот текст: тешки метали) присутно во пакувањето и во неговиот составен материјал или компоненти не смее да надминува 100 ppm од масата на пакувањето, освен за пакување кое во целина е направено од оловно-кристално стакло. (2) Производителот кон пратката на пакувањето кое го пушта на пазар е должен да достави податоци дека се исполнети барањата определени со ставот (1) на овој член. (3) По исклучок од ставот (1) на овој член, содржината на тешки метали во пакувањето може да го надминува нивото од 100 ppm од масата за стаклени пакувања, пластични гајби и палети изработени од рециклирани материјали и доколку тешките метали не се намерно внесени во производствениот процес, односно се случајно присутни како неизбежна последица на процесот на рециклирање. (4) Субјектите од ставот (2) на овој член, како и субјектите чие пакување содржи тешки метали од ставот (3) на овој член се должни да водат контроли за присуството и нивото на тешки метали во пакувањата, како и да водат евиденција и да доставуваат годишен извештај за постапување со тие пакувања до стручниот орган. (5) Годишниот извештај од ставот (4) на овој член, се доставува до стручниот орган истовремено со годишниот извештај од членот 19 од овој закон. (6) Министерот кој раководи со органот за животната средина ги пропишува начинот и условите за надминување на нивоата на содржината на тешки метали од ставот (3) на овој член, како и начинот на водење и содржината на евиденцијата и извештајот од ставот (4) на овој член. (7) Резултатите од мерењата извршени во производствените процеси, како и користените мерни методи треба да се чуваат најмалку четири години и истите треба да се достапни во секое време на надлежните органи од членот 40 од овој закон на нивно барање. Член 15 Барања во поглед на примената на стандарди при управувањето со пакување и отпад од пакување (1) Пакувањето кое се произведува и се пушта на пазар во Република Северна Македонија треба да е во согласност со европските и националните стандарди за производство на пакување. (2) Пакувањето ги исполнува барањата утврдени со стандардите од ставот (1) на овој член, доколку е произведено во согласност со: 1) воспоставените европски стандарди прифатени како национални, а кои се однесуваат на: a) критериумите и методологиите за анализа на животниот циклус на пакувањето; б) методите за мерење и верификација на присуството на тешки метали и други штетни супстанции во пакувањето и нивното испуштање во животната средина од пакувањето и отпадот од пакување; в) критериумите за минималната содржина на рециклиран материјал за соодветни видови на пакување; г) критериуми за методите на рециклирање; д) критериуми за методите на компостирање и критериуми за создадениот компост и ѓ) критериуми за означување на пакувањето; 2) други национални стандарди од областа на квалитетот на пакувањето. Член 16 Барања во поглед на идентификација и означување на пакувањето (1) Пакувањето се идентификува и означува во согласност со природата на материјалот од кој е произведено пакувањето, со цел да се олесни собирањето, повторната употреба и преработката, вклучувајќи го и рециклирањето на пакувањето. (2) Пакувањето треба да биде идентификувано и означено со соодветна ознака на самото пакување или на неговата етикета. (3) Означувањето треба да ги содржи следниве податоци: 1) видот на материјалот употребен во пакувањето; 2) можноста за повторна употреба доколку постои и 3) можноста за преработка, односно рециклирање доколку постои. (4) Ознаката треба да биде јасно видлива и лесно читлива при продажбата и при враќањето на пакувањето, издржлива и трајна, дури и кога пакувањето е отворено. (5) Министерот кој раководи со органот за животна средина во согласност со министерот за економија ќе ги пропише начинот на нумерирање и кратенките на кои се заснова системот за идентификација и означување на материјалите од кои е произведено пакувањето, како и формата и содржината на ознаката за постапување со пакувањето. III. ОБВРСКИ НА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ Член 17 Регистрација Производителите или крајните корисници кои пуштаат на пазар спакувани стоки во Република Северна Македонија согласно со членот 8 од овој закон, се обврзани да се регистрираат кај стручниот орган, во согласност со начинот и постапката утврдени со прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Член 18 Производители регистрирани во странство (1) Производителот кој не е регистриран во Република Северна Македонија, а кој пушта на пазарот во Република Северна Македонија спакувани стоки преку комуникација од далечина (е-трговија), обврските кои произлегуваат од овој закон ги извршува преку назначување на овластен застапник во согласност со начинот и постапката утврдени со прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. (2) Преку назначувањето на овластениот застапник, обврските кои произлегуваат од овој закон за производителот од ставот (1) на овој член, за пакувањето кое се пушта на пазарот на територијата на Република Северна Македонија, целосно се пренесени на овластениот застапник. Член 19 Водење евиденција и известување (1) Производителот е должен да води евиденција за видот и количината на пакувања пуштени за прв пат на пазарот во Република Северна Македонија, според видот на материјалот од кој е произведено пакувањето, во текот на една календарска година во пишана и електронска форма. (2) Производителот најдоцна до 31 март во тековната година е должен до стручниот орган да достави годишен извештај за видот и количината на пакување што го пуштил на пазар во Република Северна Македонијa во претходната календарска година на образец за годишен извештај на пакување и отпад од пакување во пишана и електронска форма. Во годишниот извештај се приложува и забележува доказот за присуство на тешки метали од членот 14 од овој закон. (3) Производителот е должен за секој производ да изготви производствена спецификација која содржи информација за тежината на пакувањето на тој производ, вклучувајќи го и неговото групно и транспортно пакување. (4) Производителот е должен врз основа на производствената спецификација од ставот (3) на овој член да води месечна и годишна евиденција за вкупното пакување кое го пуштил на пазар во Република Северна Македонија. (5) Производителот е должен да води и евиденција за количините на отпад од пакување кој е примен назад, според категорија, во дадена година и за доказот за предадениот отпад од пакување на собирачи или рециклатори, согласно со прописите за управување со отпад. (6) Формата и содржината на образецот на годишниот извештај од ставот (2) на овој член, формата и содржината на образецот на производствената спецификација од ставот (3) на овој член, формата и содржината на образецот за евиденцијата од ставот (4) на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот за животна средина. (7) Податоците од евиденцијата од ставот (1) на овој член се чуваат пет години сметано од крајот на календарската година за која се однесуваат. (8) Производителот, кој склучил договор со колективен постапувач согласно со прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, обврската за доставување на годишен извештај од ставот (2) на овој член ја реализира преку колективниот постапувач. (9) Производителот од ставот (8) на овој член, е должен да доставува квартален извештај до колективниот постапувач најдоцна до 15 ден во тековниот квартал за претходниот квартал. Член 20 Повратен прием на продажно, групно и транспортно пакување (1) Производителот е должен отпадот од групното и транспортното пакување непосредно по доставувањето на стоката или при наредното доставување, бесплатно да го прими назад, ако трговецот или крајниот корисник сака да го врати. Ако трговецот или крајниот корисник самиот ја преземе спакуваната стока од производителот, може отпадот од групното и транспортното пакување да го остави непосредно на местото на преземање или дополнително бесплатно да го врати. (2) Обврските од ставот (1) на овој член се применуваат и за продажното пакување кое истовремено врши функција на групно или транспортно пакување. (3) Производителот е должен бесплатно да го прими назад отпадот од продажното пакување кое е комерцијален отпад и не е комунален отпад, кога крајниот корисник сака да го врати и за таквиот отпад не се пропишани посебни начини на третман. (4) За спроведување на обврските од ставовите (1), (2) и (3) на овој член, производителот е должен да уреди одделен простор и да обезбеди опрема за одделно собирање на отпадот од пакување, доколку има продажен простор поголем од 200м2. (5) Производителот може собраните количини на отпад од пакување привремено да ги складираат одвоено во свој затворен или отворен простор. (6) Производителот коj има продажен простор помал од 200м2 може да уреди простор и да обезбедат опрема за селективно собирање на отпадот од пакување. (7) Производителот не треба да поседува дозвола за управување со отпад од пакување согласно со прописите за управување со отпад, за своите простории за повратен прием на отпадот од пакување. Член 21 Обврска на производителот за собирање, преработка и рециклирање на отпадот од пакувањето (1) Производителот е должен да обезбеди реализација на националните цели од овој член кои се однесуваат на собирање, рециклирање и преработка на отпадот од пакување, настанат од спакуваните производи пуштени на пазар во Република Северна Македонија. (2) Количината на отпад од пакување што секој производител е должен да ја собира, преработи и рециклира во тековната година е еднаква на нивниот удел на пакување од вкупната количина на пакувања пуштени на пазарот во Република Северна Македонија во претходната година по категорија на производи. (3) Вкупната количина на пакувања што се пуштени на пазарот во Република Северна Македонија заради одредување на минималната количина за собирање, преработка и рециклирање, се утврдува од страна на стручниот орган согласно со прописите за проширена одговорност на производители во управувањето со посебни текови на отпад. (4) Националните цели на Република Северна Македонија за собирање, преработка и рециклирање на отпадот од пакување, се: 1) за пакувањето што е пуштено на пазарот во Република Северна Македонија, треба да се соберат следниве количини и тоа: 55% за 2021 година, 57% за 2022 година, 60% за 2023 година, 65% за 2024 година, 70% за 2025 година, 75% за 2026 година, 80% за 2027 година, 85% за 2028 година. 2) до крајот на 2021 година најмалку 60% од тежината на отпадот од пакувањето што е создаден на територијата на Република Северна Македонија, треба да се преработи со операции на обновување или операции на енергетска преработка; 3) до крајот на 2021 година минимум 55%, а максимум 80% од тежината на отпадот од пакувањето што е создаден на територијата на Република Северна Македонија треба да се рециклира; 4) до крајот на 2021 година следниве количества на материjали од кои се произведува пакувањето треба да се рециклираат: 40% од тежината за стакло, 70% од тежината за хартија и картон, 50% од тежината за железни метали, 10% од тежината на обоени метали, 25% според тежината за пластика, со тоа што се зема предвид само материјалот кој е рециклиран назад во пластика, 20% според тежината за дрво, 5) најдоцна до 31 декември 2030 година минимум 65% од тежината на целиот отпад од пакување ќе се рециклира; 6) најдоцна до 31 декември 2030 година, треба да се исполнат следниве минимални цели по тежина за рециклирање, во однос на следниве посебни материјали кои се содржат во отпадот од пакување: 50% пластика, 25% дрво, 70% железни метали, 50% алуминиум, 70% стакло, 75% хартија и картон, 7) најдоцна до 31 декември 2035 година минимум 70 % од тежината на целиот отпад од пакување ќе се рециклира и 8) најдоцна до 31 декември 2035 година, треба да се исполнат следниве минимални цели по тежина за рециклирање во однос на следниве посебни материјали кои се содржат во отпадот од пакување: 55% пластика, 30% дрво, 80% железни метали, 60% алуминиум; 75% стакло и 85% хартија и картон. (5) Заради постепено постигнување на целите од ставот (4) точки 5), 6), 7) и 8) на овој член, министерот кој раководи со органот за животна средина утврдува годишни национални цели за собирање, преработка и рециклирање на отпадот од пакување во согласност со планските документи усвоени согласно со прописите за управување со отпад, најдоцна до 15 декември во тековната година за наредната година. (6) Производителот е должен секоја година до 31 јануари да ги утврди своите годишни цели за собирање, преработка и рециклирање на отпадот од пакување според категорија на отпад во килограми за тековната година, врз основа на својот удел на пакување пуштено на пазарот во Република Северна Македонија во претходната година. (7) За потребите на постигнување на целите од ставот (4) точки 5), 6), 7) и 8) на овој член, производителот може да утврди прилагодени цели за дадената година, доколку претходните три години пуштил на пазар за прв пат продажно пакување за повторно употреба и кое е повторно употребено како дел од системот за повторна употреба. (8) Прилагодените цели од ставот (7) на овој член се пресметуваат земајќи го предвид просечниот удел во претходните три години на продажното пакување за повторна употреба пуштено на пазар за прв пат во Република Северна Македонија и кое е повторно употребено како дел од систем за повторна употреба на пакувањето (во натамошниот текст: просечен удел). (9) Производителот, прилагодените цели од ставот (7) на овој член, ќе ги пресметува со одземање на: а) просечниот удел, од целите утврдени во ставот (4) точки 5) и 7) на овој член и б) просечниот удел составен од релевантниот материјал за пакување, од целите утврдени во ставот (4) точки 6) и 8) на овој член. (10) Целите од ставот (4) точки 5), 6), 7) и 8) на овој член може да се прилагодуваат најмногу до 5% од соодветната цел. (11) Начинот на пресметување на целите за собирање, преработка и рециклирање на отпадот од пакување од ставот (4) на овој член, како и начинот на пресметување на прилагодените цели од ставот (8) на овој член, пријавување на податоците и водењето на евиденцијата ги пропишува министерот кој раководи со органот за животна средина. (12) Органот за животна средина, целите од ставот (4) точки 5), 6), 7) и 8) на овој член може да ги ревидира согласно со состојбите на пазарот, во согласност со планските документи усвоени согласно со прописите за управување со отпад. Член 22 Обврска за финансирање за производителот (1) За пакувањето што го пуштил на пазарот на територијата на Република Северна Македонија, производителот е должен да обезбеди финансирање на трошоците за следните активности: повратен прием на отпадот од пакување согласно со членот 20 од овој закон, одделното собирање, времено чување на отпадот од пакување, најмалку за количината што соодветствува на сопствениот удел во постигнување на минималните национални цели за собирање од членот 21 од овој закон; транспорт, третман, преработка, повторна употреба, односно рециклирање и отстранување на остатокот од преработката на отпадното пакување, најмалку за количината што соодветствува на сопствениот удел во постигнување на минималните национални цели за третман од членот 21 од овој закон, трошоци за комуникација со јавноста, вклучувајќи и трошоци поврзани со споделување на информации за крајните корисници како во членот 24 од овој закон, трошоци поврзани со финансиската гаранција, трошоци за инвестирање во инфраструктура за собирање на отпад што настанува со употребата на производот за да се обезбеди селекција на секој посебен вид на отпад за кој производителот има обврски за управување, редовно преземање на отпадот од пакување собран од трговецот согласно со членот 27 од овој закон, редовно преземање на отпад од пакување создаден од домаќинствата, од овластени собирачи, кои се собрани како одделна фракција на собран комунален отпад, како и, исполнување на други обврски што се утврдени за производителот во одредбите од овој закон. (2) За исполнување на обврските од ставот (1) на овој член, малиот производител од членот 26 од овој закон, плаќа паушален надоместок во износ од 6.000 денари на годишно ниво на посебна сметка на Буџетот на органот за животна средина и истиот се плаќа при регистрацијата како мал производител за тековната година. (3) Првиот надоместок од ставот (2) на овој член, малиот производител го плаќа при регистрацијата согласно со членот 17 од овој закон. (4) Трошоците за постапување со отпадот од пакување од ставот (1) на овој член, производителот не смее да ги прикажува одделно при продажбата на спакуваната стока, освен за наплатата на биоразградливите кеси за носење на стоки од членот 10 oд овој закон и кауцијата согласно со членот 33 од овој закон. Член 23 Финансиска гаранција (1) Производителот е должен да обезбеди финансиска гаранција за спроведување на своите обврски кои произлегуваат од овој закон, а кои се однесуваат за собирање, третман и преработка како и рециклирање на отпадот од пакување. (2) Финансиската гаранција се обезбедува за секоја календарска година, согласно со прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебни текови на отпад. Член 24 Информации за корисници на пакување (1) Производителот е должен на соодветен начин да ги информира трговецот и крајниот корисник за битните својства на производот и неговото пакување во поглед на опасните и штетните материи и супстанции кои тие ги содржат и за начинот на постапувањето со пакувањето кога тоа ќе стане отпад од пакување. (2) Производителот е должен за секој вид на материјал од кој е произведено пакувањето, кое го пушта на пазар да поседува податоци за количината на тешки метали од членот 14 од овој закон. (3) Производителот е должен да организира кампањи за информирање на крајните корисници и подигање на јавната свест за: воспоставените системи за враќање, собирање и преработка на отпадот од пакување, нивната улога и придонес за повторната употреба, преработката и рециклирањето на пакувањето и отпадот од пакување, значењето на етикетите и означувањето на пакувањето кои постојат на пазарот и соодветните информации и податоци содржани во планските документи усвоени согласно со прописите за управување со отпадот, а кои се однесуваат на управување со пакување и отпад од пакување. (4) Производителите на пластични кеси за носење на стоки, ги информираат крајните корисници со цел подигнување на свеста за негативните последици за животната средина од прекумерната потрошувачка на пластични кеси за носење на стоки. Член 25 Преземање на обврските на производителот (1) Производителот е должен на свој трошок да обезбеди исполнување на обврските и целите на овој закон, преку враќање, собирање, преработка и рециклирање на отпадот од пакување кој е создаден со пуштањето на пазар на спакувани стоки во Република Северна Македонија. (2) Производителот е должен да обезбеди: редовно преземање и собирање на користеното пакување и отпадот од пакување од крајниот корисник и од домаќинствата со цел да се процесираат во системот за управување со отпад од пакување и повторна употреба, преработка, вклучувајќи и рециклирање на собраниот отпад од пакување. (3) Производителот исполнувањето на обврските од ставовите (1) и (2) на овој член може да ги остварува со склучување на договор за преземање на обврските за постапување со отпадот од пакување, со колективен постапувач со отпад од пакување кој e основан и поседува дозвола согласно со прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Член 26 Обврски за мал производител (1) Обврските од членот 25 од овој закон не се однесуваат на производител кој годишно пушта на пазарот во Република Северна Македонија спакувани стоки во количини исти или помали од: 800 кг стакло, 100 кг пластика, 10 кг пластични кеси, 300 кг хартија, картон како и повеќеслојно пакување најмногу составено од картонски делови, 100 кг метал или 100 кг дрво. (2) Производителот од ставот (1) на овој член е должен да се регистрира во согласност со членот 17 од овој закон, како и да води евиденција и доставува извештај во согласност со членoт 19 од овој закон. (3) Производителот до 15 јануари поднесува барање до стручниот орган за добивање на решение за мал производител во кое се наведува и количеството на спакувани стоки која производителот има намера да ја пушти на пазарот во Република Северна Македонија во тековната година. (4) Стручниот орган со решение утврдува дали производителот ги исполнува условите за мал производител за тековната година во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето од ставот (3) на овој член. (5) Стручниот орган е должен во Регистарот кој се води согласно со прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебни текови на отпад одделно да ги води производителите и видот и количините на пакувањето за кое издал решение за мал производител. (6) Производителот од ставот (1) на овој член, не е должен да обезбеди управување со отпадот од пакување доколку количината на пакување кое е пуштено на пазар не ги надминува количините на годишно ниво утврдени во ставот (1) на овој член, но е должен да го плати годишниот паушален надоместок од членот 22 став (2) од овој закон. IV. ОБВРСКИ НА ТРГОВЕЦОТ Член 27 Обврски за повратен прием на пакување (1) Tрговецот ги има истите обврски за повратен прием на пакување, како производителот согласно со членот 20 од овој закон. (2) Трговецот не треба да поседува дозвола за управување со отпад од пакување согласно со прописите за управување со отпад, за своите простории за повратен прием или места за преземање на отпад од пакување. (3) Трговецот е должен да го предаде собраниот отпад од пакување без да го модифицира истиот на собирач или оператор за управување со отпад кој претставува дел од колективен постапувач, со задолжителен транспортен и идентификационен формулар согласно со прописите за управување со отпад. (4) Трговецот за исполнување на обврските од ставовите (1) и (2) на овој член, склучува договор со колективен постапувач со времетраење од најмалку една календарска година, во кој се уредуваат правата и обврските за предавање на отпадот од пакување преземен или создаден во своите простории. (5) Отпадот од пакување кој е земен назад или е создаден од трговецот се пресметува во националните цели за собирање на отпад од пакување наведени во членот 21 од овој закон. (6) Обврската за повратен прием на трговецот не може да се пренесува од трговецот на друг субјект. (7) Трговецот самостојно или во договор со производителот, може да ги охрабри крајните корисници да го враќаат отпадот од пакување со цел зголемено предавање на отпад од пакување преку понуди за попусти при купување нови спакувани производи или со други поттикнувачки мерки. Член 28 Преземање на отпадот од пакување од трговецот (1) Трговецот во договор со производителот, може да овозможи повратен прием на отпадот од пакување на локации каде преземањето е овозможено од производителот. (2) Приемот на отпадот од пакување на начинот утврден во ставот (1) на овој член не влијае врз обврските на трговецот од членот 27 од овој закон. (3) Производителот е должен без надоместок да го презема отпадот од пакување од трговецот и трговецот не може да бара надоместок за преземање на отпадот од пакување од производителот. Член 29 Евиденција како обврска на трговецот (1) Трговецот е должен да води евиденција за количините на преземениот отпад од пакување според вид и категорија. (2) Евиденцијата од ставот (1) на овој член, треба да биде достапна во просторијата на трговецот каде се врши трговијата и во секое време да биде достапна на надлежните органи од членот 40 од овој закон. (3) Трговецот е одговорен за сеопфатноста и точноста на пријавените податоци со евиденцијата од ставот (1) на овој член. (4) Трговецот, за спакуваната стока што ја продава, е должен да обезбеди од производителот од кого е донесена стоката, потврда од колективен систем за управување со пакување и отпад од пакување, односно потврда дека производителот го платил надоместокот од членот 35 од овој закон. (5) Министерот кој раководи со органот за животна средина, ја пропишува формата и содржината на образецот за водење на евиденцијата од ставот (1) на овој член. IV. ОБВРСКИ НА ДРУГИТЕ ЗАСЕГНАТИ СТРАНИ Член 30 Услови за приклучување кон систем на колективен постапувач (1) Правни или физички лица кои со нивната дејност поседуваат отпад од пакување, може да се приклучат кон системот на колективен постапувач со отпад од пакување преку спроведување на мерки и активности кои се однесуваат на: обезбедување простор и соодветни контејнери за собирање на отпадот од пакување и поставување на известувања и информации од членот 24 од овој закон за крајните корисници. (2) Субјектите од ставот (1) на овој член не се обврзани да поседуваат дозвола за управување со отпад согласно со прописите за управување со отпад за активностите од ставот (1) на овој член. (3) Субјектите од ставот (1) на овој член, се должни да го предадат собраниот отпад од пакување без да го модифицираат истиот на собирач или оператор за управување со отпад кој претставува дел од колективен постапувач, со задолжителен транспортен и идентификационен формулар согласно со прописите за управување со отпад. (4) Колективниот постапувач и субјектите од ставот (1) на овој член, меѓусебните права и обврски, начинот на преземање и предавање на искористеното пакување и отпадот од пакување, ги уредуваат со склучување на договор за приклучување кон системот со заемна согласност. Член 31 Обврски за крајните корисници (1) Крајниот корисник го собира, складира и предава на производителот, трговецот или овластениот собирач кој е дел од колективен постапувач за отпад од пакување, создадениот отпад од пакување како одделно собрана фракција од комуналниот отпад или го доставува отпадот од пакување во собирен центар или собирно место определено за таа намена. (2) Крајниот корисник е должен пред да го предаде отпадот од пакување, да го собере истиот и да го чува одвоено, за да не стапи во контакт со друг вид отпад, да не се меша или на друг начин уништува или загадува со опасни или други супстанции, при што би се оневозможило неговото рециклирање или преработка. Член 32 Обврски на градоначалникот (1) Градоначалникот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, е должен: да го организира одделното собирање на отпадот од пакување од домаќинствата, да организира собирање на отпадот од пакување од домаќинствата од страна на овластениот давател на услуги за собирање на комунален отпад, како одделна собрана фракција на комунален отпад, да определи и организира собирни пунктови за одделно собирање на отпадот од пакување од домаќинствата во собирни центри или други времено определени места за таа намена на целото подрачје на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, каде крајните корисници ќе можат бесплатно да го оставаат отпадот од пакување од домаќинствата и да соработува со колективни постапувачи, согласно со овој закон и прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебни текови на отпад. (2) При определување на местата и локациите на собирните центри треба да се земе предвид бројот на жителите во населеното место, при што треба да се обезбеди најмалку еден собирен центар на ниво на општината, односно најмалку по еден собирен центар за најмалку 30.000 жители за општините кои имаат повеќе од 30.000 жители. (3) Собирните центри од ставот (2) на овој член ги вклучуваат и постојните места и локации за прием на одделно собрани фракции на комунален отпад, доколку овие места ги исполнуваат условите утврдени со овој закон или со прописите за управување со отпад. (4) Отпадот од пакување одделно собран на определените места од ставот (1) алинеја 3 на овој член се предава на колективен постапувач со отпад од пакување бесплатно врз основа на склучен договор со општината, општината во градот Скопје и градот Скопје односно организационата единицата за управување со отпад во соодветниот плански регион формирана согласно со Законот за управување со отпад. (5) Во договорот од ставот (4) на овој член се регулираат меѓусебните права и обврски на договорните страни, начинот на редовно преземање на отпадот од пакување, начинот на информирање на јавноста за собирните центри и други локации за преземање на отпадот од пакување, начинот на покривање на трошоците од работењето и други прашања од заеднички интерес. Договорот се склучува за период од најмалку една година. Член 33 Кауција (1) Заради поттикнување на враќањето и на собирањето на отпадот од пакување, производителот може да воспостави систем на кауција за пакувањето од својот производ, која се наплатува на местото на продажба на спакуваната стока. (2) Износот на кауцијата од ставот (1) на овој член не смее да го надмине износот од 30% од продажната цена на спакуваната стока и истата ќе биде одделно прикажана на сметката при продажбата на производот во пакувањето, кој е вклучен во системот на кауција. (3) Производителот што воспоставува систем на кауција за пакувањето од својот производ, е должен: јасно и видливо да го означи пакувањето кое е опфатено со системот за кауција, да организира повратен прием на пакувањето од трговците и од крајните корисници и да ја исплати вкупната сума од депозитот и јасно да ги утврди условите за трговецот и крајниот корисник какво треба да биде самото пакување што е прифатливо за системот за кауција. (4) Производителот најмалку шест месеци пред започнувањето на системот на кауција, е должен да ги регистрира кај стручниот орган производите кои се вклучени во системот на кауција како и износот на депозитот според единица на пакување. (5) Регистрацијата од ставот (4) на овој член ги вклучува следниве податоци: име, седиште и даночен број на производителот, точно име на производот кој е во пакување и е вклучен во системот на кауција, единствен идентификациски број на производот (GTIN број), начинот на информирање на јавноста за системот и неговото работење и износот на кауција според единица. (6) Стручниот орган е должен да води регистар на производи вклучени во системот на кауција според производител. (7) Производителот е должен да го извести стручниот орган за намерата да го прекинe системот на кауција најдоцна шест месеци пред да го прекине истиот. (8) Производителот кој го прекинал системот на кауција, е должен да продолжи со исплаќање на кауцијата кон трговците и/или крајните корисници во рок од една година од прекинување на овој систем. (9) Tрговецот, доколку има продажен простор поголем од 200 м2 каде се продава спакувана стока во пакување вклучено во каков било систем на кауција, ќе понуди повратен прием на пакувањето и исплата на кауција под исти услови и во целокупното времетраење на работните часови на продажното место. (10) Трговецот е должен јасно да го означи местото каде се врши повратен прием на пакувањето во рамки на системот на кауција. (11) Трговецот е должен да го плати вкупниот износ на кауцијата во готовина или во ваучер за висината на кауцијата на крајниот корисник откога крајниот корисник го вратил назад пакувањето на местото определено во тоа продажно место. (12) Трговецот е должен да го врати пакувањето во системот на кауција без да го подложи на какви било измени. (13) Производителот е должен да го финансира целосниот систем на кауцијата на трговецот, за своите пакувања вклучени во системот за кауција. (14) Трговецот нема право на побарувања за какви било дополнителни трошоци поради учество во системот на кауција освен за трошоците од ставот (13) на овој член. V. ОБВРСКИ НА ДРЖАВНИТЕ ОРГАНИ Член 34 База на податоци и информативен систем (1) Органот за животна средина е должен да воспостави и води електронска база на податоци за пакувањето кое се пушта на пазар на територијата на Република Северна Македонија и за податоците за постапување со отпадот од пакување согласно со одредбите од прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. (2) Базата на податоци од ставот (1) на овој член се води врз основа на податоците од извештаите доставени согласно со членот 19 од овој закон и особено ги содржи податоците за: 1) количините на пакување пуштени на пазарот во Република Северна Македонија според видот на материјал на пакувањето; 2) количини на собран отпад од пакување според вид и категорија; 3) количини на складиран отпад од пакување според вид на материјалот; 4) количини на отпад од пакување според вид и материјалот кои се управуваат и начинот на управување (повторна употреба, рециклирање и друг начин на преработка); 5) количини на остатокот на отпад од пакување отстранент преку депонирање; 6) количини на отпад од пакување извезени надвор од Република Северна Македонија според видот на материјал и 7) својствата на отпадот од пакување (опасност и штетност на материјали од кои е произведено пакувањето). (3) Базата на податоци од ставот (1) на овој член содржи информации за пакувањето кое се пушта на пазарот во Република Северна Македонија и податоци за управување со отпадот од пакување најмалку за претходните пет години. (4) Базата на податоци од ставот (1) на овој член содржи податоци за секој субјект на годишно ниво. (5) Врз основа на податоците од ставот (2) на овој член, органот за животна средина најдоцна до 1 септември во тековната година објавува извештај за количините и видот на пакувањето што е пуштен на пазарот во Република Северна Македонија и за количините, видот и начинот за постапување со отпадот од пакување за претходната година. (6) Податоците собрани врз основа на ставот (2) на овој член се обработуваат и валидизираат од страна на органот за животна средина преку воспоставен Информативен систем за пакување и отпад од пакување, кој е составен дел на Информативниот систем за животна средина. (7) Обработените и валидизираните податоци од ставот (6) на овој член се доставуваат до Европската комисија и до други тела и органи на Европската Унија и истите се достапни на јавноста. Член 35 Надоместок за управување со отпад од пакување (1) Производителот и производителот кој како краен корисник пушта на пазарот на Република Северна Македонија спакувани стоки од кои при користење се создава отпад од пакување, e должен да плати надоместок за управување со отпадот од пакување (во натамошниот текст: надоместок). (2) Висината на надоместокот од ставот (1) на овој член според вид на материјал изнесува: 1) 7.400 денари/тон за хартија и дрво и 2) 9.200 денари/тон за пластика, метал, композит и стакло. (3) Надоместокот од ставот (1) на овој член се пресметува врз основа на нето тежината на пакувањето кое се пушта на пазарот според вид на материјал изразено во тони, за што се подготвува квартална пресметка на посебен образец, дури и кога производителот не пуштил производи на пазарот во текот на тој квартал. (4) Обврската за пресметување на надоместокот за производителот настанува во моментот кога спакуваниот производ за прв пат се пушта на пазарот во Република Северна Македонија, односно во моментот на продажба на биоразградливите кеси за носење на стоки кај крајниот корисник. (5) Обврската за пресметување на надоместокот за производителот кој како краен корисник пушта на пазарот на Република Северна Македонија спакувани стоки од кои при користење се создава отпад од пакување, настанува во моментот кога спакуваниот производ е пуштен на пазарот во Република Северна Македонија. (6) Производителот и производителот кој како краен корисник пушта на пазарот на Република Северна Македонија спакувани стоки од кои при користење се создава отпад од пакување е должен да го плати утврдениот надоместок секој 15 ден од тековниот квартал од годината за сите пресметани надоместоци за претходниот квартал. (7) Средствата од надоместокот од ставот (2) на овој член, се приход на органот за животната средина и се уплаќаат на посебна уплатна сметка. (8) Надоместокот не се плаќа доколку спакуваниот производ се извезе или спакуваниот производ кој е пуштен на пазарот во Република Северна Македонија се уништи по повлекување од пазарот без истиот да биде употребен во тековната година, за што производителот треба да достави до стручниот орган соодветен доказ. (9) Во случајот од ставот (8) на овој член, производителот и производителот кој како краен корисник пушта на пазарот на Република Северна Македонија спакувани стоки од кои при користење се создава отпад од пакување е должен да обезбеди извозна електронска царинска декларација согласно со прописите за царинско работење како доказ дека количината на пакување за кое не е пресметано надоместок е извезена надвор од земјата или да обезбеди документ од кој е видливо дека спакуваните производи се уништени. (10) Во случај на извоз или уништување на спакувани производи за кој е платен надоместок, производителот и производителот кој како краен корисник пушта на пазарот на Република Северна Македонија спакувани стоки од кои при користење се создава отпад од пакување, има право на поврат на платениот надоместок за извезената или уништената количина на пакување во рок од пет години од плаќањето на надоместокот. (11) За поврат на надоместокот од ставот (10) на овој член, производителот и производителот кој како краен корисник пушта на пазарот на Република Северна Македонија спакувани стоки од кои при користење се создава отпад од пакување до стручниот орган поднесуваат барање на посебен образец заедно со кварталната пресметка од ставот (3) на овој член за наредниот квартал, во кој ќе се наведат причините за поврат на надоместок. (12) Поврат на надоместокот од ставот (10) на овој член се врши со решение на стручниот орган по испитување на доставената документација и проверка дали се исполнети условите за поврат на исплатениот надоместок во согласност со ставот (11) на овој член. (13) Решението на стручниот орган од ставот (12) на овој член се донесува во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето за поврат на надоместокот од ставот (11) на овој член. (14) Против решението на стручниот орган од ставот (12) на овој член може да се поднесе жалба согласно со прописите за општа управна постапка. (15) По правосилноста на решението на стручниот орган од ставот (12) на овој член, органот за животна средина врши поврат на надоместокот. (16) Министерот кој раководи со органот за животна средина во согласност со министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на финансиите ја пропишува формата и содржината на образецот од ставот (3) на овој член, како и начинот, постапката и потребната документација за поврат на надоместокот, како и формата и содржината на образецот од ставот (11) на овој член. Член 36 Обврска за начинот на пресметување, уплатување како и за водење на евиденција за пресметаниот и уплатениот надоместок (1) Производителот и производителот кој како краен корисник пушта на пазарот на Република Северна Македонија спакувани стоки од кои при користење се создава отпад од пакување (во натамошниот текст: обврзникот), е должен надоместокот од членот 35 став (2) од овој закон навремено и правилно да го пресметува и уплатува како и да води, одржува и чува уредна и точна евиденција за пресметаниот и уплатениот надоместок. (2) Врз основа на евиденцијата од ставот (1) на овој член, обврзникот составува и на секои три месеци доставува до стручниот орган пресметка за уплатениот надоместок на посебен образец и во случај да не пуштил на пазарот спакувани производи во текот на тој квартал. (3) Стручниот орган пресметките за уплатениот надоместок ги проверува и доколку утврди несоодветно плаќање на надоместокот, со решение ја утврдува точната количина за која треба да се плати надоместок. (4) Против решението од ставот (3) на овој член може да се поднесе жалба согласно со прописите за општа управна постапка. (5) Министерот кој раководи со органот за животна средина во согласност со министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на финансиите го пропишуваат начинот за водење, одржување и чување на евиденцијата од ставот (1) на овој член, како и формата и содржината на образецот од ставот (2) на овој член. Член 37 Ослободување од плаќање на надоместокот Од плаќање на надоместокот од членот 35 став (2) од овој закон се ослободени следниве субјекти: 1) производителот и производителот кој како краен корисник пушта на пазарот на Република Северна Македонија спакувани стоки од кои при користење се создава отпад од пакување, доколку имаат склучен договор за преземање на обврски за постапување со отпад од пакување со колективен постапувач за постапување со отпад од пакување кој поседува дозвола согласно со прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад и 2) производителот определен како мал производител согласно со членот 26 од овој закон. Член 38 Користење на надоместокот Средствата собрани од надоместокот од членот 35 став (2) од овој закон се користат за финансирање и спроведување на мерки и активности за управување со отпад утврдени со планските и стратешките документи, а кои се насочени кон постигнување на целите на овој закон на начин и постапка пропишани согласно со прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Член 39 Доброволно договарање Организации кои застапуваат одредени интереси на економските оператори и групи на економски оператори опфатени со овој закон, можат да пристапат кон склучување на доброволен договор со органот за животна средина или Владата на Република Северна Македонија преку кој ќе ги регулираат меѓусебните права и обврски за да се постигнат повисоки национални цели од членот 21 од овој закон, како и повисок степен на рециклирање, преработка и обработка и за воведување на сертифицирани системи за управување со животната средина на начин како што е утврдено во прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебни текови на отпад. VI. НАДЗОР И НАДЛЕЖНИ ОРГАНИ Член 40 Надлежни органи (1) Надзор над примената на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши органот за животна средина. (2) Инспекцискиот надзор над примената на овој закон и на прописите донесени врз основа на овој закон го врши Државниот инспекторат за животна средина, преку државните инспектори за животна средина. (3) Надзор над евиденцијата и известувањето согласно со членот 19 од овој закон, врши стручниот орган. (4) Инспекциски надзор над примената и спроведувањето на овој закон во поглед на обврските од овој закон кои произлегуваат за трговците вршат овластените инспектори за животна средина на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје. (5) Инспекцискиот надзор над примената и спроведувањето на овој закон во поглед на нивото на концентрација на тешки метали во пакувањето, означувањето на пакувањата, прометот со пластични кеси и информирањето на потрошувачите го врши Државниот пазарен инспекторат. (6) Инспекцискиот надзор над примената и спроведувањето на овој закон во поглед на оставање или предавање на отпадот од пакување како дел од комунален отпад вршат комуналните инспектори на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје. Член 41 Делокруг на надзор на државниот инспектор за животна средина (1) Во вршењето на надзорот од својот делокруг, државниот инспектор за животна средина, врши увид и контрола: 1) дали се произведува и/или се пушта на пазар пакувања кои не ги исполнуваат барањата во однос на производството и составот на пакувањето (член 11 од овој закон); 2) дали пакувањето што се произведува и/или се пушта на пазар со намена да биде повторно употребено, е изработено согласно со членот 12 од овој закон; 3) дали пакувањето што се произведува и/или се пушта на пазар е во согласност со барањата од членот 13 од овој закон; 4) дали се произведува и/или се пушта на пазар пакувања кои не се произведени согласно со националните и европските стандарди за производство на пакување (член 15 од овој закон); 5) дали производителот е регистриран кај стручниот орган (член 17 од овој закон); 6) дали производителот кој не е регистриран во Република Северна Македонија и пушта производи на пазар преку комуникација од далечина (е-трговија) има назначен овластен застапник (член 18 од овој закон); 7) дали обврските за евиденција и годишни извештаи се исполнуваат согласно со членот 19 од овој закон; 8) дали производителот обезбедува повратен прием на продажното, групното и транспортното пакување (член 20 од овој закон); 9) дали производителот обезбедува реализација на националните цели од членот 21 од овој закон, а кои се однесуваат на собирање, рециклирање и преработка на отпадот од пакување; 10) дали се утврдуваат годишните цели за собирање, рециклирање и преработка според категорија на отпад во килограми во определен рок (член 21 став (6) од овој закон); 11) дали производителот обезбедува финансирање на трошоците за активностите согласно со членот 22 став (1) од овој закон; 12) дали малиот производител уплатил паушален надоместок (член 22 став (2) од овој закон); 13) дали производителот, трошоците за постапување со отпад од пакување ги прикажува во согласност со членот 22 став (3) од овој закон; 14) дали производителот има обезбедено финансиска гаранција за спроведување на обврските за собирање, третман и преработка (член 23 од овој закон); 15) дали производителот обезбедува исполнување на обврските и целите на овој закон преку враќање, собирање и преработка на свој трошок (член 25 ставови (1) и (2) од овој закон); 16) дали производителот има склучен договор за преземање на обврските за постапување со отпадот од пакување со колективен постапувач (член 25 став (3) од овој закон); 17) дали производителот кој пушта на пазар спакувани производи исти или помали од количините од членот 26 став (1) од овој закон, е регистриран како мал производител и дали води евиденција и доставува извештаи во согласност со членот 26 став (2) од овој закон; 18) дали производителот доставува точни податоци за да се утврди како мал производител (член 26 став (3) од овој закон); 19) дали се предава отпадот од пакување без модификација и дали се постапува согласно со членот 30 став (3) од овој закон и 20) врши и други работи во негова надлежност утврдени во овој закон. (2) На барање на државниот инспектор за животна средина во вршењето на инспекцискиот надзор може да учествува и надлежен државен службеник вработен во стручниот орган. (3) Државниот инспектор за животна средина е должен да изврши инспекциски надзор, кога тоа ќе го побара стручниот орган без одлагање. Член 42 Донесување на решенија на државниот инспектор за животна средина (1) При вршењето на инспекцискиот надзор, државниот инспектор за животна средина со решение: 1) ќе ги задолжи производителите пакувањето што се произведува и/или се пушта на пазар да ги исполнува барањата во однос на производството и составот на пакувањето согласно со членот 11 од овој закон; 2) ќе ги задолжи производителите пакувањето што се произведува и/или пушта на пазар со намена да биде повторно употребено да се изработи согласно со членот 12 од овој закон; 3) ќе ги задолжи производителите пакувањето што се произведува и/или се пушта на пазар да е во согласност со барањата од членот 13 од овој закон; 4) ќе ги задолжи производителите да се произведуваат и/или пуштаат на пазар пакувања кои се произведени согласно со националните и европските стандарди за производство на пакување (член 15 од овој закон); 5) ќе ги задолжи производителите да се регистрираат согласно со членот 17 од овој закон; 6) ќе ги задолжи производителите кои не се регистриран во Република Северна Македонија и кои пуштаат производи на пазар преку комуникација од далечина (е-трговија), да назначат овластен застапник (член 18 од овој закон); 7) ќе ги задолжи производителите да постапат и да ги преземат обврските согласно со членот 19 од овој закон; 8) ќе ги задолжи производителите за исполнување на обврските за повратен прием на продажното, групното и транспортното пакување (член 20 од овој закон); 9) ќе ги задолжи да обезбедуваат собирање, рециклирање и преработка на отпадот од пакување заради реализација на националните цели од членот 21 од овој закон; 10) ќе ги задолжи производителите да ги утврдуваат годишните цели за собирање, рециклирање и преработка според категорија на отпад во килограми во определен рок (член 21 став (6) од овој закон); 11) ќе ги задолжи производителите да ги финансираат трошоците за активностите согласно со член 22 став (1) од овој закон, 12) ќе ги задолжи малите производители да уплаќаат паушален надоместок согласно со член 22 став (2) од овој закон; 13) ќе ги задолжи производителите трошоците за постапување со отпад од пакување да ги прикажува во согласност со член 22 став (3) од овој закон, 14) ќе ги задолжи производителите да обезбедат финансиска гаранција за спроведување на обврските за собирање, третман и преработка согласно со членот 23 од овој закон; 15) ќе ги задолжи производителите да обезбедуваат исполнување на обврските и целите од овој закон преку враќање, собирање и преработка на свој трошок согласно со членот 25 ставови (1) и (2) од овој закон; 16) ќе ги задолжи производителите да склучат договор за преземање на обврските за постапување со отпадот од пакување со колективен постапувач согласно со членот 25 став (3) од овој закон доколку не уплатиле и немаат намера да плаќаат надоместокот за договор со отпад од пакување; 17) ќе го задолжи производителот кој пушта на пазар спакувани производи исти или помали од количините од членот 26 став (1) од овој закон, да се регистрира како мал производител и да води евиденција и доставува извештаи во согласност со членот 26 став (2) од овој закон; 18) ќе ги задолжи малите производители да доставуваат точни податоци до стручниот орган доколку давале неточни податоци за да се утврди како мал производител согласно со членот 26 став (3) од овој закон и 19) ќе ги задолжи правните и физичките лица да го предадат отпадот од пакување без модификација и да постапуваат согласно со членот 30 став (3) од овој закон. (2) Ако при вршењето на инспекцискиот надзор државниот инспектор за животна средина утврди дека субјектите на надзор не се придржуваат кон барањата од овој закон, со записник ќе ги констатира утврдените неправилности и во решение ќе ги определи соодветните мерки и активности кои треба да ги преземат за надминување на настанатата ситуација, како и ќе определи рок кој не може да биде подолг од 30 дена за да ги отстранат причините за настанатата состојба. (3) При вршењето на инспекцискиот надзор, државниот инспектор за животна средина на субјектите на надзорот ќе им одреди привремена забрана за вршење на дејност која не може да биде подолга од 15 дена, за неправилностите утврдени од ставот (1) точки 9), 10), 11) 16) и 18) на овој член. (4) Против решението на државниот инспектор за животна средина може да се изјави жалба согласно со прописите за инспекциски надзор. (5) Доколку субјектите од ставот (1) на овој член не постапат согласно со решението на државниот инспектор за животна средина и не ги отстранат причините за настанатата состојба утврдени со решението, државниот инспектор за животна средина ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот прекршочен орган. (6) Во случај кога ќе се утврди постоење на непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето, инспекторот ќе издаде усна наредба за итно и неодложено отстранување на утврдените неисправности и неправилности кои во записник ги констатира во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и ќе ги извести и другите надлежни инспектори или други државни органи за утврдените неправилности и ќе побара нивна интервенција. (7) Ако констатираните неисправности и неправилности од ставот (6) на овој член, претставуваат опасност за загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, инспекторот веднаш ќе ја забрани работата на инсталацијата, објектот, постројката, уредот, како и употреба на средствата и опремата за вршење на дејноста. (8) Во случаите од ставот (6) на овој член, инспекторот донесува писмено решение во рок од 48 часа од издавањето на усната наредба. (9) При вршењето на надзорот од ставот (1) на овој член државниот инспектор за животна средина има право за преземање и на други мерки утврдени со прописите за животната средина и прописите за инспекциски надзор. Член 43 Делокруг на надзор на овластените инспектори за животна средина на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и комуналните инспектори на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје (1) Во вршењето на надзорот од својот делокруг овластениот инспектор за животна средина на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, врши увид и контрола: 1) дали трговецот со продажното, групното и транспортното пакување постапува согласно со членот 27 од овој закон; 2) дали отпадот од пакување се презема во согласност со членот 28 став (3) од овој закон; 3) дали трговецот води евиденција за количините на преземениот отпад од пакување (член 29 од овој закон) и 4) дали трговецот за спакуваната стока што ја продава има обезбедено потврда од производителот за постапување со отпадот од пакување (член 29 став (4) од овој закон). (2) Во вршењето на надзорот од својот делокруг комуналниот инспектор на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, врши увид и контрола: 1) дали крајниот корисник со отпадот од пакување кој е комунален отпад постапува во согласност со членот 31 став (1) од овој закон и 2) дали крајниот корисник пред да го предаде отпадот од пакување кој е комунален отпад го собира и чува на начинот утврден со членот 31 став (2) од овој закон. Член 44 Донесување на решенија на овластените инспектори за животна средина на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и комуналните инспектори на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје (1) При вршењето на инспекцискиот надзор, овластениот инспектор за животна средина на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје со решение: 1) ќе ги задолжи трговците со продажното, групното и транспортното пакување да постапуваат согласно со членот 27 од овој закон; 2) ќе ги задолжи трговците и производителите преземањето на отпадот од трговецот да се направи согласно со начинот од членот 28 став (3) од овој закон; 3) ќе ги задолжи трговците да водат евиденција за количините на преземениот отпад од пакување (член 29 од овој закон) и 4) ќе ги задолжи трговците да побараат и да обезбедуваат потврда од производителот за постапување со отпадот од пакување (член 29 став (4) од овој закон). (2) При вршењето на инспекцискиот надзор, комуналниот инспектор на општините, општините во градот Скопје и градот Скопјесо решение: 1) ќе ги задолжи крајните корисници да постапуваат со отпадот од пакување согласно со членот 31 став (1) од овој закон и 2) ќе ги задолжи крајните корисници отпадот од пакување да го собираат или чуваат одвоено за да не се меша или на друг начин да се уништува или загадува со опасни или други супстанции што би се оневозможило рециклирањето или преработката на истиот (член 31 став (2) од овој закон). (3) Ако при вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторите од ставовите (1) и (2) на овој член утврдат дека субјектите на надзорот не се придржуваат кон барањата од овој закон, со записник ќе ги констатираат утврдените неправилности и во решение ќе ги определат соодветните мерки и активности кои треба да ги преземат за надминување на настанатата ситуација како и ќе определат рок кој не може да биде подолг од 30 дена за да ги отстранат причините за настанатата состојба. (4) Против решението на инспекторите од ставовите (1) и (2) на овој член може да се изјави жалба согласно со прописите за инспекциски надзор. (5) При вршењето на надзорот од ставот (1) на овој член инспекторите имаaт право за преземање и на други мерки утврдени со прописите за животната средина и прописите за инспекциски надзор, како и прописите за комунални дејности во ситуациите од ставот (2) на овој член. Член 45 Делокруг на надзор на стручниот орган (1) При вршењето на надзор согласно со членот 19 од овој закон, стручниот орган врши увид и контрола на податоците и документите кои се основа за водење на евиденцијата и подготовка на извештаите. (2) При вршењето на надзорот над пресметаниот и уплатен надоместок од членот 35 од овој закон стручниот орган врши увид и контрола: 1) дали производителот кој е обврзан да плаќа надоместок за управување со отпадот од пакување, го пресметува и плаќа надоместокот во определениот рок, како и дали ги исполнува условите за поврат на платениот надоместок (член 35 од овој закон); 2) дали надоместокот за управување со отпад од пакување се пресметува и уплатува навремено и правилно и дали ја одржува и чува уредна и точна евиденцијата за пресметаниот и уплатениот надоместок (член 36 од овој закон); 3) дали производителите ги исполнуваат условите за ослободување од плаќањето на надоместок од членот 37 од овој закон. (3) За спроведениот надзор и контрола од ставовите (1) и (2) на овој член, службеното лице на стручниот орган составува записник кој го доставува до субјектот на надзорот. (4) Ако при вршењето на надзорот, органот од ставовите (1) и (2) на овој член утврди дека субјектите на надзор не се придржуваат кон барањата од овој закон, со решение ќе ги определи соодветните мерки и активности кои треба да ги преземат за надминување на настанатата ситуација како и ќе определи рок кој не може да биде подолг од 30 дена за да ги отстранат причините за настанатата состојба. (5) Против решението од ставот (4) на овој член може да се изјави жалба согласно со прописите за инспекциски надзор. (6) Доколку субјектите од ставовите (1) и (2) на овој член, не постапат согласно со решението на стручниот орган и не ги отстранат причините за настанатата состојба утврдени со решението, стручниот орган ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен прекршочен орган. Член 46 Делокруг на надзор на државниот пазарен инспектор (1) Во вршењето на надзорот од својот делокруг, државниот пазарен инспектор врши увид и контрола: 1) дали биоразградливите кеси за носење на стоки се пуштени на пазар согласно со членот 10 од овој закон; 2) дали на местото на продажбата се води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси и со вкупната сума добиена од надоместокот на продадените кеси се постапува согласно со членот 10 став (4) од овој закон; 3) дали податоците од евиденцијата на квартална основа на бројот на продадените кеси се пријавуваат кај стручниот орган (член 10 став (5) од овој закон); 4) дали пакувањето што се произведува и/или пушта на пазар е во согласност со барањата за нивото на концентрација на тешки метали од членот 14 од овој закон; 5) дали пратката на пакувањето пуштено на пазар, поседува податоци дека се исполнети барањата за концентрација на тешки метали (член 14 став (2) од овој закон); 6) дали се водат контроли за нивото на присуство на тешки метали во пакувањата и дали се води евиденција и се доставува извештај до стручниот орган во согласност со членот 14 ставови (4), (5) и (7) од овој закон; 7) дали пакувањето пуштено на пазар е означено и идентификувано во согласност со членот 16 од овој закон; 8) дали производителот ги информира трговците и крајните корисници на соодветен начин за битните својства на производот и неговото пакување во поглед на опасните и штетните материи и супстанции кои тие ги содржат и за начинот на постапување со отпадот од пакување (член 24 став (1) од овој закон); 9) дали производителот за пакувањето што го пуштил на пазар поседува податоци за количината на тешки метали од кој е произведено пакувањето кое се пушта на пазар, за секој вид на материјал од кој е произведено пакувањето (член 24 став (2) од овој закон); 10) дали производителот организира кампањи за информирање на крајните корисници и подигање на јавната свест (член 24 став (3) од овој закон); 11) дали производителот ги информира крајните корисници за негативните последици за животна средина од прекумерната потрошувачка на пластични кеси (член 24 став (4) од овој закон) и 12) дали производителот кој одлучил да воведува кауција на своите спакувани производи постапува согласно со членот 33 од овој закон. Член 47 Донесување на решенија на државниот пазарен инспектор (1) При вршење на инспекцискиот надзор, државниот пазарен инспектор со решение: 1) ќе ги задолжи производителите и трговците да ги повлечат од пазар биоразградливите кеси за носење на стоки кои не ги исполнуваат барањата од членот 10 од овој закон; 2) ќе ги задолжи трговците на местото на продажбата да водат евиденција на квартална основа на бројот на продадени кеси на продажното место и со вкупната сума добиена од надоместокот на продадените кеси да постапуваат согласно со членот 10 став (4) од овој закон; 3) ќе ги задолжи трговците податоците од евиденцијата на квартална основа на бројот на продадените кеси да ги пријавуваат кај стручниот орган (член 10 став (5) од овој закон); 4) ќе ги задолжи производителите и добавувачите на материјали за пакувања да ги повлечат од пазар доколку произведуваат и/или пуштат на пазар пакувања кои не се во согласност со барањата за нивото на концентрација на тешки метали од членот 14 од овој закон; 5) ќе ги задолжи производителите кон пратките на пакувања пуштени на пазар да обезбедуваат податоци дека се исполнети барањата за концентрација на тешки метали (член 14 став (2) од овој закон); 6) ќе ги задолжи производителите редовно да водат контроли за присуство на нивоа на тешки метали во пакувањата, како и да водат евиденција и да се доставува извештај до стручниот орган во согласност со членот 14 ставови (4), (5) и (7) од овој закон; 7) ќе ги задолжи производителите да ги означуваат пакувањата во согласност со членот 16 од овој закон; 8) ќе ги задолжи производителите да ги информираат трговците и крајните корисници за битните својства на производот и неговото пакување во поглед на опасните и штетните материи и супстанции кои тие ги содржат и за начинот на постапување со отпадот од пакување (член 24 став (1) од овој закон); 9) ќе ги задолжи производителите за пакувањето што го пушта на пазар да обезбеди податоци за количината на тешки метали од кој е произведено пакувањето, за секој вид на материјал од кој е произведено пакувањето (член 24 став (2) од овој закон); 10) ќе ги задолжи производителите да организираат кампањи за информирање на крајните корисници и подигање на јавната свест (член 24 став (3) од овој закон); 11) ќе ги задолжи производителите на пластични кеси на соодветен начин да ги информира крајните корисници за негативните последици за животна средина од прекумерната потрошувачка на пластични кеси (член 24 став (4) од овој закон) и 12) ќе ги задолжи производителите кои воспоставиле кауција на своите спакувани производи да постапуваат согласно со членот 33 од овој закон (2) Ако при вршењето на инспекцискиот надзор државниот пазарен инспектор утврди дека субјектите на надзор не се придржуваат кон барањата од овој закон, со записник ќе ги констатира утврдените неправилности и во решение ќе ги определи соодветните мерки и активности кои треба да ги преземат за надминување на настанатата ситуација како и ќе определи рок кој не може да биде подолг од 30 дена за да ги отстранат причините за настанатата состојба. (3) При вршењето на инспекцискиот надзор, државниот пазарен инспектор на субјектите на надзорот ќе им одреди привремена забрана за вршење на дејност која не може да биде подолга од 15 дена, за неправилностите утврдени од ставот (1) точки 4), 6) и 7) на овој член. (4) Против решението на државниот пазарен инспектор може да се изјави жалба согласно со прописите за инспекциски надзор. (5) При вршењето на надзорот од ставот (1) на овој член државниот пазарен инспектор има право за преземање и на други мерки утврдени со прописите за државен пазарен инспекторат и прописите за инспекциски надзор. Член 48 Примена на одредби од други закони во инспекцискиот надзор Во постапката при вршење на инспекциски надзор која се спроведува во согласност со овој закон, соодветно се применуваат одредбите на прописите за инспекциски надзор, прописите за животна средина, прописите за управување со отпад и прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебни текови на отпад, доколку со овој закон поинаку не е уредено. VII. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ Член 49 Прекршочни санкции од прва категорија (1) Глоба во износ од 9.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 18.000 до 20.000 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 53.000 до 59.000 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 89.000 до 98.000 евра во денарска противвредност за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице, доколку: 1) податоците од евиденцијата на квартална основа на бројот на продадените кеси не ги пријавува кај стручниот орган согласно со членот 10 став (5) од овој закон; 2) не назначува овластен застапник согласно со членот 18 од овој закон; 3) не обезбедува повратен прием на продажното, групното и транспортното пакување согласно со членот 20 од овој закон; 4) не уплаќа паушален надоместок согласно со членот 22 став (2) од овој закон; 5) не ги информира на соодветен начин трговците и крајните корисници за важните својства на производот и неговото пакување во поглед на опасните и штетните материи и супстанции кои тие ги содржат и за начинот на постапување со отпад од пакување (член 24 став (1) од овој закон); 6) не поседува податоци за вид на материјал и количеството на тешки метали од кои е произведено пакувањето кое се пушта на пазар (член 24 став (2) од овој закон); 7) не организира кампањи за информирање и подигање на јавната свест согласно со членот 24 став (3) од овој закон; 8) не ги информира крајните корисници за негативните последици за животната средина од прекумерната потрошувачка на пластични кеси за носење на стоки (член 24 став (4) од овој закон); 9) не ги исполнува обврските за повратен прием на пакување согласно со членот 27 став (1) од овој закон; 10) не го предава собраниот отпад од пакување согласно со членот 27 став (3) од овој закон; 11) не овозможува преземање на собраниот отпад од пакување без надоместок (член 28 став (3) од овој закон); 12) не води евиденција за количините на преземениот отпад од пакување според вид и категорија и не ја прави достапна на надлежните инспекциски органи во секое време (член 29 ставови (1) и (2) од овој закон); 13) внесува и претставува неточни податоци во евиденцијата за количините на преземениот отпад од пакување (член 29 став (3) од овој закон); 14) не го предава собраниот отпад од пакување на начин утврден во членот 30 став (3) од овој закон; 15) отпадот од пакување не го собира, складира и предава во согласност со членот 31 од овој закон; 16) не го означува јасно и видливо пакувањето кое е опфатено со системот за кауција, не организира повратен прием и не ги утврдува условите за пакувањето кое е прифатливо за системот на кауцијата (член 33 став (3) од овој закон); 17) во определен рок кај стручниот орган не ги регистрира производите кои се вклучени во системот на кауцијата и износот на депозитот според единица на пакување (член 33 став (4) од овој закон); 18) не го известува стручниот орган во определен рок за намерата за прекинување на системот на кауцијата (член 33 став (7) од овој закон); 19) не го означи местото каде се врши повратен прием на пакувањето во рамки на системот на кауција (член 33 став (10) од овој закон); 20) не го враќа пакувањето во системот на кауцијата без измени согласно со членот 33 став (12) од овој закон и 21) не го финансира целосниот систем на кауцијата кај трговецот за своето пакувањето вклучено во системот на кауција (член 33 став (13) од овој закон). (2) На одговорното лице во правното лице за дејствијата од ставот (1) на овој член ќе му се изрече глоба за сторен прекршок во износ од 500 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, од 3.000 евра во денарска противвредност за среден трговец и од 5.000 евра во денарска противвредност за голем трговец. (3) Глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член. (4) На сторителот на прекршокот од ставот (1) на овој член, прекршочниот орган, може да му изрече прекршочна санкција забрана за вршење на дејноста. (5) На одговорното лице од ставот (2) на овој член, прекршочниот орган може да му изрече прекршочна санкција забрана за вршење на должноста. (6) Надлежен прекршочен орган за изрекување на прекршочните санкции од ставовите (1) и (2) на овој член е надлежниот суд, а надлежен прекршочен орган за изрекување на прекршочните санкции од ставот (3) на овој член е Прекршочната комисија формирана согласно со Законот за животна средина (во натамошниот текст: Прекршочната комисија). Член 50 Прекршочни санкции од втора категорија (1) Глоба во износ од 13.000 до 14.000 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 25.000 до 28.000 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 76.000 до 84.000 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 126.000 до 140.000 евра во денарска противвредност за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице, доколку: 1) пушта на пазар пластични кеси за носење на стоки спротивно на членот 10 ставови (1), (3) и (4) од овој закон; 2) на местото на продажбата не води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси и со вкупната сума добиена од надоместокот на продадените кеси не постапува согласно со членот 10 став (4) од овој закон; 3) произведува и/или пушта на пазар пакувања кои не ги исполнуваат барањата во однос на производството и составот на пакувањето (член 11 од овој закон); 4) произведува и/или пушта на пазар пакувања кои не се изработени согласно со барањата од членот 12 од овој закон; 5) произведува и/или пушта на пазар пакувања кои не се изработени согласно со барањата во поглед на погодноста на пакувањето за преработка (член 13 од овој закон); 6) кон пратката на пакувањето кое го пушта на пазар не поседува податоци дека се исполнети барањата за концентрација на тешки метали (член 14 став (2) од овој закон); 7) не води контроли за присуството на тешки метали во пакувањата и не води евиденција и не доставува годишен извештај за постапувањето со тие пакувања до стручниот орган согласно со членот 14 ставови (4), (5) и (7) од овој закон; 8) произведува и/или пушта на пазар пакувања кои не се произведени согласно со националните и европските стандарди за производство на пакување (член 15 од овој закон); 9) не го идентификува и означува пакувањето со соодветна ознака согласно со членот 16 од овој закон; 10) не се регистрира како производител кај стручниот орган, согласно со членот 17 овој закон; 11) не води евиденција во пишана и електронска форма за видот и количината на пакувања пуштени на пазарот согласно со членот 19 став (1) од овој закон и не ги чува податоците на евиденцијата до определениот рок; 12) не доставува годишен извештај до стручниот орган во определен рок за видот и количината на пакувања што го пуштил на пазар (член 19 став (2) од овој закон); 13) не изготви производствена спецификација со информации за тежината на пакувањето (член 19 став (3) од овој закон); 14) не води месечна и годишна евиденција врз основа на производствената спецификација за вкупното пакување кое го пуштил на пазар (член 19 став (4) од овој закон); 15) не води евиденција за количините на отпад од пакување кој е примен назад, според категорија, во дадена година и за доказот за предадениот отпад од пакување на собирачи или рециклатори (член 19 став (5) од овој закон); 16) не доставува квартален извештај до колективниот постапувач (член 19 став (9) од овој закон); 17) не ги утврдува годишните цели за собирање, рециклирање и преработка според категорија на отпад во килограми во определен рок (член 21 став (6) од овој закон); 18) не обезбедува финансирање на трошоците за активностите од член 22 став (1) од овој закон; 19) не обезбедува финансиска гаранција за спроведување на обврските за собирање, третман и преработка согласно со членот 23 од овој закон; 20) не обезбедува исполнување на обврските и целите на овој закон преку враќање, собирање и преработка на свој трошок согласно со членот 25 ставови (1) и (2) од овој закон; 21) не склучил договор за преземање на обврските за постапување со отпадот од пакување (член 25 став (3) од овој закон); 22) не се регистрира како мал производител, не води евиденција и не доставува извештаи (член 26 став (2) од овој закон); 23) намерно доставува неточни податоци при утврдување како мал производител (член 26 став (3) од овој закон); 24) не врши исплата на кауцијата кон трговците и /или крајните корисници во определен рок откако го прекинал системот на кауцијата (член 33 став (8) од овој закон); 25) не врши исплата на кауцијата на крајниот корисник (член 33 став (11) од овој закон); 26) намерно прикажува неточни податоци заради ослободување од плаќање на надоместокот од членот 37 од овој закон или поврат на платениот надоместок за спакувана стока од членот 35 став (10) од овој закон и 27) надоместокот за управување со отпад од пакување не го пресметува и уплатува навремено и правилно и не ја одржува, чува уредена и точна евиденцијата за пресметаниот и уплатениот надоместок (член 36 став (1) од овој закон). (2) На одговорното лице во правното лице за дејствијата од ставот (1) на овој член ќе му се изрече глоба за сторен прекршок во износ од 700 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.500 евра во денарска противвредност за мал трговец, од 4.000 евра во денарска противвредност за среден трговец и 7.000 евра во денарска противвредност за голем трговец. (3) Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член. (4) На сторителот на прекршокот од ставот (1) на овој член, прекршочниот орган може да му изрече прекршочна санкција забрана за вршење на дејноста. (5) На одговорното лице од ставот (2) на овој член,прекршочниот орган може да му изрече прекршочна санкција забрана за вршење на должноста. (6) Надлежен прекршочен орган за изрекување на прекршочните санкции од ставовите (1) и (2) на овој член е надлежниот суд, а надлежен прекршочен орган за изрекување на прекршочните санкции од ставот (3) на овој член е Прекршочната комисија. Член 51 Прекршочни санкции од трета категорија (1) Глоба во износ 18.000 од 20.000 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 36.000 до 40.000 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 110.000 до 120.000 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 180.000 до 200.000 евра во денарска противвредност за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице, доколку: 1) произведува и/или пушта на пазар пакувања кои ги надминуваат дозволените граници на концентрација тешки метали од членот 14 став (1) од овој закон; 2) не обезбедува реализација на национални цели за собирање, преработка и рециклирање согласно со членот 21 став (1) од овој закон и 3) не плаќа надоместок за управување со отпадот од пакување во определен рок согласно со членот 35 ставови (1) и (6) од овој закон. (2) На одговорното лице во правното лице за дејствијата од ставот (1) на овој член ќе му се изрече глоба за сторен прекршок во износ од 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, 2.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, 6.000 евра во денарска противвредност на среден трговец и 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец. (3) Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член. (4) На сторителот на прекршокот од ставот (1) на овој член, прекршочниот орган може да му изрече прекршочна санкција забрана за вршење на дејноста. (5) На одговорното лице од ставот (2) на овој член прекршочниот орган може да му изрече прекршочна санкција забрана за вршење на должноста. (6) Надлежен прекршочен орган за изрекување на прекршочните санкции на овој член е надлежниот суд. Член 52 Постапка за порамнување и спогодување (1) За прекршоците утврдени во членот 49 од овој закон, надлежните инспектори овластени со овој закон се должни на сторителот на прекршокот да му предложат постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог пред да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка. (2) За прекршоците утврдени во членовите 50 и 51 од овој закон, надлежните инспектори овластени со овој закон се должни на сторителот на прекршокот да му предложат постапка за спогодување пред да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка. (3) Постапките за порамнување и спогодување се водат согласно со со одредбите од Законот за прекршоците и Законот за животната средина. (4) Министерот кој раководи со органот за животна средина ја пропишува формата и содржината на прекршочниот платен налог од ставот (1) на овој член. Член 53 Водење на прекршочната постапка Прекршочната постапка се води согласно со одредбите од Законот за прекршоците и Законот за животната средина. VIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ Член 54 Рокови за спроведување (1) Производителите кои за прв пат пуштаат на пазарот или увезуваат како крајни корисници во Република Северна Македонија спакувани стоки, се должни да се регистрираат согласно со членовите 17 и 18 од овој закон, најдоцна до 31 март 2022 година. (2) Производителот евиденцијата од членот 19 став (1) од овој закон, е должен да започне да ја води од 1 јануари 2022 година. (3) Првиот годишен извештај за видот и количината на пакувањето што го пуштил на пазарот во Република Северна Македонија од членот 19 став (2) од овој закон, производителот е должен да го достави најдоцна до 31 март 2023 година за 2022 година. (4) Првиот квартален извештај до колективниот постапувач од членот 19 став (9) од овој закон, производителот е должен да го достави најдоцна до 15 април 2022 година. Член 55 Донесување на подзаконски прописи (1) Подзаконските прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон. (2) До денот на влегувањето во сила на подзаконските прописи од ставот (1) на овој член ќе се применуваат постојните подзаконски прописи. Член 56 Одложна примена (1) Одредбите од членот 10 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 декември 2021 година. (2) Одредбата од членот 34 став (7) од овој закон ќе започне да се применува по пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската унија. (3) Одредбата од членот 35 од овој закон ќе започне да се применува од 1 јануари 2022 година. Член 57 Престанување на важење Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за управување со пакување и отпад од пакување („Службен весник на Република Македонија“ брoj 161/2009, 17/11, 47/11,136/11, 6/12, 39/12, 163/13, 146/15 и 39/16). Член 58 Влегување во сила Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.